Најнапред, таа е единственото чедо на човекот за кое тој, самиот, не знае ниту кога, ниту како, ниту од каде дошла?! Едноставно, таа во еден незнаен миг ќе ти тропне на тајната врата на срцето и - тука е.
Ни си ја повикувал, ни си ја посакувал, ни си се надевал на неа. Ама, таа се вселила во тебе.
Започнува да те обзема, да ги затега сите тетиви на телото, а најмногу и најсилно сивите клетки во твојата глава.
Потоа, со неа си легнуваш Со неа се будиш.
Чувствуваш огнови што го палат твоето срце и го горат твоето тело.
Си мислиш: јас љубљм! Морам да сакам или ќе умрам.
Гревови те разјадуваат додека покајнички и предавнички не заклучиш: ако е тоа грев, Господе, не проштевај ми го! Никогаш.
Се чувствуваш човек - жив!
Се колнеш: денес те сакам повеќе од вчера а многу помалку отколку што ќе те сакам утре!
Но зборови не се потребни. Јазикот на љубовта веќе се преселил во очите.
А со нив откриваш. Го откриваш светот на љубовта. Ја гледаш нејзината интензивна боја.
И што ќе видиш?
Љубовта има закони на својот развиток. Свој живот. Како цвеќето, како животот на човекот.
Раскошна и блескава пролет.
Жешко лето.
Есен. За едни топла и плодоносна, за други - гнилеж, јаловост, магливост, мемла.
Зимата е за сите иста – покриени трагови, цибрина, малку светлост а премногу мрак. Студенила.
Останале само сенки. Можеби и некој спомен.
И искуство.
Си научил.
Кога прв пат воздивнав за љубовта, тоа беше последната воздишка за разумот и мудроста. Ако, не жалам!
Љубовта ми беше господар.
Тешко ми беше кога сакав некого кој повеќе не ме сакаше. Многу потешко кога ме сакаше некој кого повеќе не сакав.
Најнакрај, почнуваш да споредуваш.
Наскоро потоа – престануваш да љубиш.
Сонцето пак свети...
Водата си го пронаоѓа најлесниот пат до морето.
1 comment:
Da teska e ljubovta ,ali koga sakas se lesno.Во лјубовта понекогаш и се страда и се губи но највеќе сепак страда оној што силно,силно љуби . tintin
Post a Comment