Tuesday, January 8, 2008

Кафуле во Рене нуди “јакни за пушење“

Сопственикот на кафе - барот во Рене, на западот на Франција, нашол посрдечен начин за спроведување на новиот закон за забрана на пушењето во Франција - тој на своите клиенти им изнајмува топли јакни што можат да ги облечат додека пушат надвор од кафулето.

“Да му се каже на посетителот ’оди надвор да запалиш цигара’ е малку грубо. Да му се позајми јакна е попријателски гест“, вели Жил Берард, сопственикот на кафулето во центарот на Рене.

Во кафулињата, рестораните и ноќните клубови во Франција од први јануари е забрането пушење.

Берард купил 30 дебели јакни без ракави со извезено име на неговото кафуле и забраната за пушење ја искористил за умен маркетинг.

Според новиот француски закон пушачите кои ќе запаплат во кафуле ќе платат казна од 68 до 450 евра, додека сопственикот таквиот прекршок ќе го чини до 750 евра.

Момче се залепило за кревет за да не оди на училиште

Десетогодишно момче од Мексико ја залепил својата рака за креветот за да го избегне одењето на училиште по божиќните и новогодишните празници. Болничарите од итната помош со посебен спреј успеале да ја одлепат раката на момчето и тоа сепак, со неколку часови задоцнување, отишло на школо.

Диего Палациос (10) од Мексико ја изненадил својата мајка кога ја залепил раката за кревет, одбивајќи по празниците повторно да тргне на училиште.

“Мислев ако се залепам, тие нема да можат да ме натераат да одам на училиште. Не сакав да одам, празниците беа многу позабавни“, изјавил Диего.

Детето било скоро два часови залепено за креветот, а кога мајката Сандра сфатила дека нема да успее сама да го одлепи, повикала брза помош.

Saturday, January 5, 2008

Најчудните вести што ја одбележаа 2007 година

Од веста дека женски манастир е претворен во место за одгледување на марихуана, до онаа кога жена во Русија го запалила половиот орган на својот поранешен сопруг, а потоа сосема смирено си наточила вотка и ја одгледала омилената серија, светот беше преплавен со чудни вести во 2007 година.

„Горев и тоа беше ужасно. Едноставно не знам што направив за да заслужам такво нешто“, изјави тогаш повредениот маж, кој живеел во ист стан со својата поранешна сопруга.

Уште една вест успеа да го остави светот вчудоневиден. Германка ја оставила својата почината 92 годишна мајка во нејзината куќа. Безживотното тело на старицата било пронајдено по цели две години.

Возач на автобус во Германија исфрлил една 20 годишна патничка, објаснувајќи дека е облечена премногу провокативно за да се вози со градски сообраќај.

Но, 2007 година не ја одбележаа само чудни вести, туку и чудни вести со среќен крај.

Имено, една таква вест беше објавена во Бангкок. Една жена пред 25 години седнала во автобус кој што одел во погрешен правец и се изгубила. Сите 25 години жената не успеала да го пронајде патот до својата куќа и живеела како бездомник. Но, минатата година, конечно успеала да седне во автобусот што сообраќал кон нејзиното родно место и се вратила дома

Откриена најмлада планета надвор од сончевиот систем

Германските научници ја открија досега најмладата планета надвор од сончевиот систем, соопшти институтот за астрономија во Хајделберг.

Ѕвездите од кои настанала планетата сеуште се опколени со слој на гас и прашина која го прати раѓањето на планетата.

Планетата "TW Hydrae b" се смета за една од поголемите со оглед на тоа што нејзината маса е деветпати поголема од Јупитер, најголемата планета во Сончевиот систем.

Планетата кружи околу централните ѕвезди, при што за само 3,56 дена прави цел круг и тоа на оддалеченост од околу шест милиони километри.

За споредба, Земјата е оддалечена од Сонцето околу 150 милиони километри, а Јупитер 780 милиони километри

Чистач на прозорци преживеал пад од 47-ми кат

Лекарите велат дека нешто такво никогаш не виделе – чистач на прозорци, кој паднал од 47-ми кат на облакодер во Њујорк е буден, разговара со членовите на семејството, а се очекува и дека повторно ќе може да оди.

Алцидес Морено (37) на седми декември паѓал скоро 500 метри кога се одвоила платформата од која ги чистел прозорците, но неговиот брат, за жал не преживеал.

Морено го преживеал падот, а лекарите од Презбитеријанската болница во Њујорк велат дека закрепнува зачудувачки добро. Тој ги движи рацете и нозете, дише нормално, а за католички Божиќ, прв пат од несреќата, проговорил со членовите на семејството.

Морено не престанува да говори дека едноставно не било негов ред да замине на “оној“ свет“, вели неговата сопруга Росарио



Момче уловило ајкула тешка 250 килограми

Дванаестгодишно момче во заливот Палм Бич уловило ајкула тешка 250 килограми и долга три метри, со што го поставил новиот рекорд на Флорида, објавија локалните медиуми.

Ајдан Муреј Медли, кој во тоа туристичко место 100 километри северно од Мајами летувал со своите родители, бил подеднакво вчудоневиден и преплашен кога сфатил дека уловил толку голема ајкула.

Ова не е прв голем улов на младиот рибар. Имено, тој и минатата година уловил ајкула тешка 209 килограми.

Досегашниот рекорд на Флорида, позната според големиот број ајкули, е направен во 1981 година, на Панама Сити Бич во Мексиканскиот залив, кога била фатена ајкула тешка 234 килограми